Библиотеката „Гоце Делчев“ од Велес најдобра во 2014-та

19.12.2014 12:23

Националното библиотекарско здружение, неодамна на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ и го врачи признанието за „Нај библиотека за 2014“. Оваа награда најстарата библиотека во Македонија ја добива заради исклучителната улога која ја има во процесот на промоција на културната дејност...

Големиот број на организирани културни настани, издавањето на литература за лицата со посебни потреби, соработката со бизнис заедницата, граѓанските здруженија и локалната самоуправа на градската библиотека „Гоце Делчев“ од Велес и ја донесе наградата „Нај Библиотека“ за 2014 година. Конкуренцијата била силна, но посветеноста во работата на сите вработени, вели Крајчев, била пресудна Националното библиотекарско здружение да им ја додели наградата.

„Оваа институција е на вистинскиот пат, дека се движи во вистинска насока и дека ги постигнува целите, односно една добра траекторија да биде добар услужен сервис на граѓаните“, рече Игор Крајчев, директор на Локална библиотека „Гоце Делчев“.

Библиотеката „Гоце Делчев“ е најстарата библиотека во Македонија. Со огромен библиотечен фонд таа е место кое и млади и стари често го посетуваат. Обновувањето и зголемувањето на книжниот фонд е една од приоритетните работи на вработените кои за наредната година најавуваат повеќе активности во насока на промоција на пишаниот збор и младите автори.

Годината која изминува  е берикетна за градската библиотека „Гоце Делчев“. Покрај оваа награда тие се добитници и на општинската, Девето ноемвриската награда. Но, Библиотеката оваа година ќе ја одбележи и по најголемиот број на организирани културни настани.

 

Дијана Иванова