Ставрески: Капиталот во финансиската зона ќе доаѓа од проверен извор
Ставрески во дебатната емисија „Акцент“ вели дека зоната не е замислена да им прави конкуренција на домашните банки или инвестициски фондови, да влезе во нивниот дел од работењето, туку ќе им понуди содржини на типови компании и финансиски друштва коишто не постојат во моментов...

Воспоставувањето на моделот на финансиска зона не значи дека во Македонија ќе влезе неидентификуван и нечист капитал, бидејќи не се предвидува создавање на офшор зона. Ова во дебатната емисија „Акцент“ на МРТ1 го изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
„Секој капитал во зоната ќе биде од проверен извор, од реномирана светска банка, ќе се аплицираат сите правила кои важат за проверка на средствата, а коишто се во функција на спречување на приливите на капитал од неидентификувани извори. Надлежностите на финансиската полиција, на УЈП, на сите институции кои сега ги следат финансиските текови, ќе важат и во рамки на зоната“, рече вицепремиерот Ставрески.
Странските финансиски гиганти ќе се привлекуваат со пониски трошоци и стабилност во работењето, бидејќи се планира да се црпи искуство од најдобрите практики од англо – саксонското право и регулативата од Луксембург.
Ставрески вели дека зоната не е замислена да им прави конкуренција на домашните банки или инвестициски фондови, да влезе во нивниот дел од работењето, туку ќе им понуди содржини на типови компании и финансиски друштва коишто не постојат во моментов.
„Во таа насока, ќе креираме поголема понуда на финансиски инструменти и финансиски друштва што ќе работат на територијата на Република Македонија, а операциите ќе им бидат насочени кон извоз, односно кон странство. Со еден збор, се работи за разни финансиски компании кои сега ги немаме или ги имаме во рудиментиран облик во Република Македонија. Тие ќе дојдат во зоната, бидејќи таму ќе има атрактивни услови, пред сè во делот на даночните поволности, слични на оние во слободни економски зони, трошоците во овие зони ќе бидат значително пониски, а бизнис процедурата многу ефикасна“, објасни вицепремиерот Ставрески.
Универзитетскиот професор Димитар Ефтимовски, пак, со илустративен пример го објасни значењето на ваквите финансиски зони за земјите од ЕУ. 7% од БДП на Ирска го креираат овие зони, додека овој процент во БДП на Луксембург достигнува цели 25%, а во зоните во оваа земја се вработени над 44 илјади луѓе.
„Тоа е голем бизнис. Тоа е вистинска инвестиција, бидејќи повратот е многу висок. Затоа сметам дека напорите на Владата за развој на финансиските зони се оправдани“, вели Ефтимовски.
Овие зони не се непознаница во светот. Напротив, ги има во Британија, Германија, Швајцарија, САД, Данска, Италија. Патот за создавање слободни финансиски зони во земјава се отвори со уставните измени.
Целата дебатна емисија „Акцент“ можете да ја погледнете на следниот ЛИНК
