Хокеј

Хокеарите на Македонија утре и задутре на мегдан со Бугарија

19.12.2014 13:35

Ова ќе биде шанса да се провери квалитетот на македонските хокеари против бугарските репрезентативци...

По повод викенд двомечот Македонија- Бугарија, Хокеарската федерација  на Македонија одржа прес во Агенцијата за млади и спорт. Директорот Марјан Спасески изјави дека согласно можностите на буџетот, АМС ги помага активностите на федерацијата со финансиски средства кои годинава изнесуваат 350.000 денари. Иако од пријателски карактер овие дуели ќе бидат можност за тестирање на квалитетот на нашите хокеари кои главно играат во БАХЛ лигата во тимот на Металург, истовремено и за промоција на хокејот во земјава. Особено што покрај двата натпревара со Бугарија,во соработка со АМС и локалната самоуправа ќе има и акција во сите градови во земјава во кои има лизгалишта на мраз. Целта е нашите хокеари одблизу да им ги доловат убавините на хокејот на младите од Македонија, од кои во иднина некои од нив ќе се определат да се занимаваат со овој спорт. 

Претседателот на Хокеарска федерација на Македонија Никола Тасев изрази благодарност од поддршката на АМС, без чија поддршка не би можеле да се одвиваат сите активности во овој скап спорт. Ова ќе биде шанса да се провери квалитетот на македонските хокеари против бугарските репрезентативци, кои имаат повеќегодишно искуство во меѓународните репрезентативни настапи.Ова особено пред 2015 година во која агендата за настапи е многу амбициознакако на репрезентативен, така и на клупски план. 

Натпреварите ќе се играат на лизгалиштето во СЦ "Борис Трајковски" во Скопје, првиот е во сабота во 14 часот, а вториот во недела со почеток во 10.30 часот.