Спасов негира дека соработувал со тајните служби

19.12.2014 15:28

Политичка инструментализација без проверени факти, вака поранешниот министер во владата и амбасадор Ѓорѓи Спасов го оквалификува решението на Комисијата за лустрација дека бил соработник на тајната полиција. Одлуката е донесена врз основа на добиени досиеја од архивот и од безбедносните служби, вели претседателот на Комисијата Аџиев...

Комисијата за лустрација продолжува со непроверени факти и по политичка порачка, да носи одлуки за некои лица дека се соработници на некогашните органи на државната безбедност, вели за МТВ Ѓорѓи Спасов. Според него,процесот добил карикатурални димензии, а одлуките се доживуваат само како орден за заслужните опозиционери на сегашната власт.

„Добро е што граѓаните имаат можност сами да ги прочитаат приложените докази за наводната соработка и сами да се уверат во политичката инструментализација на комисијата. Убеден сум дека еден ден, кога судот во Стразбур ќе ги поништи овие одлуки, многумина ќе се срамат од нивната валкана улога во овие политички процеси и ќе одговараат“,смета Спасов.

Решението е врз основа на проверените факти во досиејата на Македонскиот архив. Во три досиеја пронајдовме документи дека Ѓорѓи Спасов во раните 80-ти давал информации на тајните служби, возврати претседателот на лустрациска Томе Аџиев. Додава дека намерата не е оцрнување без документи, ниту пак станува збор за политички нарачки.

„Добро би било Спасов да им се извини на тие личности што ги кодошел во тоа време, а тие луѓе сега ќе се видат во досиејата, што се случувало со нив од нивни пријател или претпоставен, не знам што им било во тој период. Комисијата нема намера против никого да креира досиеја, ниту може да креира досиеја“, изајви Томе Аџиев, претседател на Комисијата за верификација на фактите.

Лустраторите утвдиле дека Спасов во раните осумдесети како асистент во Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања кодошел студенти што биле ангажирани во тогашниот  „Студентски збор“.

 

Милчо Велески