Владата останува отворена: Нова јавна седница и Црвен тепих за граѓаните
Дневниот ред не е затворен, и може да биде проширен бидејќи владините тела и комисии сеуште работат на одредени проекти...

Ширум отворени врати за граѓаните. Нова јавна седница ќе одржи Владата во недела со што продолжува со отворен, транспарентен начин на работа – велат во Владата. Ваквата практика е започната од стартот на оваа владеачка гарнитура. Во недела ќе се разгледуваат 100-тина точки. Дневниот ред не е затворен, и може да биде проширен бидејќи владините тела и комисии сеуште работат на одредени проекти.
„Ќе има разгледување на точки од буквално секој ресор и разгледување на извештај за прогрес за одредени проекти, како и извештаи за прогрес, ќе се разгледуваат и планови за проекти, буквално за секој ресор“, вели портпаролот Александар Ѓорѓиев.
Вториот настан кој е закажан за следниот петок е „Црвен тепих за граѓаните“. Владата и тогаш повторно ќе биде со отворени врати за граѓаните. „Црвен тепих за граѓаните“ предвидува директно учество на заинтересираните во работата на владата.
Досега се пријавени 200 луѓе кои деновиве ќе бидат известени за терминот. Тие ќе се запознаат со работата на владата, но и ќе присуствуваат на седниците на работните тела и комисии.
Премиерот Груевски и министрите во недела ќе ги разгледуваат стотината проекти, законски решенија и информации. Граѓаните, отворената седница на Владата ќе може да ја проследат на Македонската телевизија.
Миле Ристески
