Македонското здравство се зајакнува со нови четири томографи
Овие апарати ќе им ја олеснат работата на овие здравствени установи кои со системот „Мој термин“ се прва станица каде што пациентите добиваат специјалистичка помош...

Македонското здравство зајакнува со уште 4 нови компјутерски томографи. Еден е за детската клиника, еден за неврологија и еден за Охрид. Ги набавува Министерството за здравство. Компјутерски томограф ќе има и во Поликлиниката „Јане Сандански“ со пари од Здравствениот дом Скопје.
„Правиме еден сериозен чекор кон воведување на многу високо ниво на технологии и дијагностика на секундарно ниво“, вели министерот за здравство Никола Тодоров.
Овие апарати ќе им ја олеснат работата на овие здравствени установи кои со системот „Мој термин“ се прва станица каде што пациентите добиваат специјалистичка помош. Откако функиционира „ Мој термин“ , поликлиниката „Јане Сандански“ овозможила 130 илјади услуги. Над 18 илјади се рентген снимања и ехосонографија.
„Статистиката кажува дека патеката на движењето на пациентите од примарно, секундарно и терциално ниво навистина го растеретува терциалното здравство бидејќи најголемиот број од пациентите коишто се обратиле за здравствена услуга во Здравствен дом Скопје се комплетно обработени“, вели Тања Балевска-Вучковиќ, директор на Здаравствен дом Скопје.
Специјалистичките услуги на граѓаните достапни во местото на живеење.
Во поликлиниката „Јане Сандански“ компјутерскиот томограф ќе почне со работа заоколу 6 месеци. Во меѓувреме ренгенолози се обучуваат и овде и во странство.
Министерот Тодоров посочи дека се планира да бидат ангажирани и пензионирани доктори од Клиничкиот центар, за да помагаат во првите две години со работата на компјутерските томографи.
Наташа Гркова-Петрушевска
