Груевски- Туск: Поддршката за почнување на преговорите останува

19.12.2014 17:22

Поттикнување на инвестициите за заздравување на европската економија и загриженост за состојбата во Украина. Ова доминира во заклучоците од Европскиот самит што заврши синоќа. Претседателот на советот, Доналд Туск дава уверување дека Брисел не се откажува од земјава. Тоа му го кажа лично на премиерот Груевски...

Во Брисел продолжуваат средбите на највисоко ниво на премиерот Никола Груевски со европските челници. По вчерашните билатерални средби, претседателот на владата беше директно запознаен за безусловната подршка од започнување на преговорите од страна на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. Сепак, неизбежната и наметната разлика околу името со јужниот сосед и натаму останува пречка број еден за поскорешното отворање на поглавјата за кои се залага и Туск.

„Тој секогаш декларирал дека се поддржувачи на членството на Македонија во ЕУ, односно во моментов на почнување на преговорите, но тоа не зависи само од него. Сепак, тоа е одлука за која треба да се согласат сите земји членки“, изјави премиерот Груевски за МРТ по средбата со Туск.

На средбата се разговарало и за реформите во областа на судството, јавната администрација, образованието и секако економијата, а посебен интерес предизвикал и економскиот раст на Македонија, рангиран на второ место по Англија.

Инаку рано изутрината експресно завши Самитот на европските лидери на кој беа најавени нови санкции кон Русија. Ситуација во источниот дел на Украина продолжува да предизвикува сериозна загриженост.

Политиката на ЕУ кон Русија ќе биде дополнително засилена со ембарго на европските инвестиции во Крим, прекин на туристичката соработка со полустровот и запирање на комерцијалните летови.

Дискутиравме за виталното прашање за Русија и Украина. Постигнавме едногласен договор да ги оставиме санкциите во сила, да продолжиме со притисокот се додека Русија не го промени однесувањето и запре со агресијата врз Украина“, изјави премиерот на Велика Британија, Дејвид Камерон.

Главна точна на дневниот ред на Европскиот совет синоќа бил и инвестицискиот план на Јункер тежок 315 милијарди евра. Лидерите едногласно се договориле што поскоро да станат оперативни за создавање нови работни места во Унијата.

„Лидерите сакаат овие средства да бидат лоцирани до крајот на јуни следната година. Исто така Европската инвестициска банка доби зелено светло да го почне својот дел од подготовките“, изјави Туск.

Самитот заврши порано од вообичаеното за да се избегнат демонстрациите на неколкути илјади граѓани кои протестираа пред Европскиот совет против контроверзниот трговски договор со САД.

Во Брисел денеска исто така проструи и информацијата  за поставена бомба во еден од судовите како и евакуација на вработените.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ