Редуциран сообраќај за почист воздух

19.12.2014 17:28

Поради зголеменото загадување на воздухот во зимскиот период товарниот сообраќај ќе се пренасочува преку обиколниците надвор од градското подрачје. Екологистите апелираат да се користи јавниот превоз. Апел и од докторите да се избегнува престој на отворено...

Се редуцира сообраќајот во македонската метропола за да се намалат штетните честички во воздухот. Поради зголеменото загадување на воздухот во зимскиот период од денеска, па до крајот на март товарниот сообраќај ќе се пренасочува преку обиколниците надвор од градското подрачје.

Само оние што превезуваат храна што подлежи на рокови или хуманитарна помош и медицински лекови ќе може да минуваат низа градските улици. Мерката ќе помогне,  но сепак концентрациите на загадувачки материи сеуште се на загрижувачко ниво. Екологистите апелираат да се користи јавниот превоз.

„Во текот на вакви денови да одат на работа или да ги завршуваат своите обврски со алтренативните транспортни средства дали ќе биде тоа велосипед, јавниот транспорт или да се групираат да се возат по двајца тројца во едно возило. Јас и денеска кога доаѓав на работа заприметив дека во секое возило има само по еден човек кој што се вози во него“, изјави Александра Бујаровска, еколошки правник.

Во зимските месеци проблем е и греењето на дрва. И индустријата останува рак рана. Во Скопје критично е од ноември до крајот на февруари. Апел и од докторите да се избегнува престој на отворено. Среќа, Скопје го има водно – алтернатива за чист воздух.

 

Андријана Атанасовска