Со плаќање на придонесите за хонорари се заштитуваат работничките права

19.12.2014 17:35

Нема одложување на обврската за плаќање придонеси на хонорарите. Примената ќе стартува од први јануари наредната година. Од Конфедерацијата на слободни синдикати велат дека со новиот закон ќе се заштитат работничките права...

Илјадници работници ќе остварат право на пензија со законот за плаќање придонеси на хонорарците. 9 гранкови синдикати од Конфедерацијата на слободни синдикати ја поdдржаа правната рамка и веруваат дека  сите нејаснотии ќе се регулираат со подзаконските акти.  

„Со самото тоа ќе се зголеми социјалната сигурност на овие вработени кои можеме да ги сместиме и во категорија на сивата економија. Со овој закон тоа ќе се елиминира. Допoлнително хонораците или оние што имаат договор на дело ќе може да си докупат или да си ги одработат тие години што им недостигаат за стекнување на услови за старосна пензија“, изјави Љубе Стојковски, генерален секретар на КСС.

Лазар Јовески, правен експерт вели дека идејата за новиот закон е добра и ќе предизвика повеќе ефекти.

„Прво во однос на имплементација на работните односи. Второ во делот на социјалната економија, односно фискланиот ефект. Трето ќе има големи подобрувања во пензиската основица“, нагласува Јовески.

Придонесите во име на хонорарецот ќе ги уплатува работодавачот. Доколку некој остварува приходи од повеќе вакви договори чијшто вкупен износ е над минималната плата, тогаш работникот сам ќе ги плаќа придонесите.

Исклучоците кои се прават за авторски договор и договор на дело се однесуваат само за пензионери кои имаат потпишано некој од овие два договора, сите останати граѓани, без оглед дали се функционери или не ќе мора да плаќаат придонеси.

 

Наташа Јанчиќ