Првата финансиска зона во Македонија ќе почне со работа во 2016-та

19.12.2014 17:45

Ќе биде лоцирана во сегашната касарна Илинден и се очекува да донесе нови вработувања. Вицепремиерот Ставрески за МРТ откри детали- ќе се земат примерите на Ирска и Луксембург...

Првата македонска финансиска зона се очекува да профункционира во лето 2015-та, а наредната година би почнала со работа и првата странска финансиска институција. Зоната ќе биде лоцирана во сегашната Касарна „Илинден“, на површина од 30 до 40 хектари. Ќе биде наменета за финансиски друштва, инвестициски банки, компании за управување со средства, траст фондови и други институции. Во светот се најпознати  примерите од Ирска и од Луксембург.

„7% од БДП на Ирска доаѓа од меѓународните финансиски зони, а 25% од БДП на Луксембург е од регистрираните финансиски зони што е страшен бизнис“, изјави универзитетскиот професор, Димитар Ефтомовски.

Даночните поволности ќе бидат слични на сегашните во слободните економски зони, трошоците ќе бидат помали, платите повисоки од  домашните, со ефикасни бизнис процедури. До крајот на првиот квартал 2015-та ќе биде подготвена привлечна и препознатлива за инвеститорите  законска регулатива за зоната.

„Ќе земеме дел од англосаксонското право, за базичните закони, за решавање на споровите меѓу фирмите во рамките на зоната и слично. Регулативата за инвестициски фондови е добра од Луксембург и ќе ја надоградиме со некои други добри примери и на тој начин ќе креираме единствена законска регулатива која ќе важи за македонската финансиска зона, која странските финансиски друштва ќе можат полесно да ја препознаат“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Ставрески е дециден. Зоните не се наменети за привлекување нечист капитал,тој ќе  доаѓа од реномирани светски банки со примена на сите правила за проверка за што се задолжени Финансиската полиција и УЈП.

Бизнис заедницата тврди дека земјава има квалитетрен кадар каков што бараат странските финансиски друштва.

„Многу важно е што не само бизнис секторот туку и воопшто секој оној што е квалитетен и квалификуван, а такви во Македонја има доста, ќе можат своето место да го најдат во овие зони“, изјави претседателката на ССК, Данела Арсовска.  

Финансиската зона ќе овозможи вработување на повисоко платени работни места, пренос на ноу- хау, давање бројни услуги, но и можност да се копираат и пренесат добри решенија во домашниот банкарски и финансиски сектор.

 

Свето Николовски