Австралиската полиција сеуште нема осомничен за убиството на осумте деца
Се уште не се залечени раните од заложничката драма во Сиднеј, Австралија ја потресе нова. Осум деца се избодени до смрт, а нивната мајка се бори за живот. Засега е голема непознаница кој и зошто го направил злосторството. Полицијата нема осомничен...

Осумте малолетници биле на возраст од 18 месеци до 15 години. Полицијата ги нашла нивните тела во куќа во Квисленд. Биле избодени до смрт. На местото на злосторството пронајдена е и мајката на седум од децата којашто имала тешки повреди во пределот на градите. Таа е хоспитализирана и е во стабилна состојба.
„Навистина сум шокирана. Само изутринава ја видов надвор на верандата заедно со децата“, изјави Беси Мареко, сосед.
Според извештаите, жртвите прв ги пронашол 20-годишниот син на повредената жена. Полицијата не се сомнева дека има сериски убиец на слобода.
„Во моментов немаме осомничено лице. Зборуваме со голем број луѓе. Зборуваме со сите коишто имале некаков контакт со семејството во последните два до три дена“, изјави Бруно Асникар, полиција Квисленд.
Властите тврдат дека нема причина за општа загриженост, и додаваат дека кога ќе напредуваат во истрагата ќе ги поделат информациите со јавноста.
„Навистина нема причина јавноста да се грижи за ова, освен фактот што ова е навистина трагичен настан. Ситуацијата е под контрола“, додаде Аникар.
Австралија се уште се опоравува од шокот од смртоносната опсада во сиднејско кафуле претходно во текот на неделава, кога вооружен напаѓач зеде 18 заложници, а заврши со три жртви.
Марина Автовска
