Може ли Сан Лоренцо да го сопре Реал?
Многу бројки се на страната на Реал пред првиот меѓусебен дуел со Сан Лоренцо, само еден податок е негативен за Шпанците и тоа поразот во единствениот дуел со аргентинска екипа и тоа од Бока Јуниорс во 2000-та година...

Сан Лоренцо е освојувач на Копа Либертадорес, екипа со реноме и во јужноамериканскиот и во аргентинскиот фудбал, но пресметката против Реал Мадрид во финалето на Светското клупско првенство е прогласена за дуел на Давид и Голијат. Причина е неверојатната форма на кралскиот клуб, не само поради серијата од 21 триумф, туку и поради начинот на кој мадриѓани играат, според многумина и подобро од славната генерација Галактикос пред десетина години.
Многу бројки се на страната на Реал пред првиот меѓусебен дуел со Сан Лоренцо, само еден податок е негативен за Шпанците и тоа поразот во единствениот дуел со аргентинска екипа и тоа од Бока Јуниорс во 2000-та година. И за двата тима ова е прво финале на ФИФА турнирите, Реал има три титули, но кога натпреварувањето беше Интерконтинентален куп.
Во низата триумфи европскиот првак постигна 78 гола, Кристијано Роналдо сезонава ја тресеше противничката мрежа 32 пати, или еднаш повеќе од комплетниот шампион на Јужна Америка.
Модриќ е одамна повреден, неизвесен е настапот на Рамос, Родригез и Кедира тренираа и се во конкуренција, капитенот Касиљас по седумстотипат ќе биде на голот на Реал. Нема никакви проблеми кај Сан Лоренцо чиишто фудбалери, покрај дебитанскиот настап и дуелот со великанот, дополнителниот мотив го црпат и во 5-те илјади навивачи кои допатуваа од предградието на Буенос Аирес. Нема информации дека меѓу нив во Мароко, на Стадион во Маракеш ќе биде и нивниот најпознат поддржувач, Папата Францис.
Ова ќе биде 54-та епизода во вечната дилема кој е подобар Европа или Јужна Америка, клубовите од стариот континент има 27 или победа повеќе и славеа на шест од последните седум мечеви. Гаучосите пак, немаат трофеј од 2003-та кога Бока Јуниор и го донесе рекордниот деветти на најуспешната земја во ова натпреварување, Аргентина.
