МЕПСО почнува со изградба на нов 400 киловолтен далекувод
20.12.2014 12:48
Инвестициската вредност на овој проект, информираат од МЕПСО, е 9,7 милиони евра...

Македонскиот електропреносен систем оператор - МЕПСО почнува со изградба на нов 400 киловолтен далекувод од трансформаторска станица Штип до македонско-српската граница. Новиот 400 киловолтен далекувод ќе биде електроенергетска врска со српскиот електропреносен систем и ќе ги поврзува 400/110 kV трансформаторските станици во Штип и во Врање, Република Србија.
Инвестициската вредност на овој проект, информираат од МЕПСО, е 9,7 милиони евра. Тој ќе биде поставен на 168 челично-решеткасти столбови на траса долга 70 километри, од Штип до македонско-српската граница во близина на Куманово.
Моментално во 400/110 kV трансформаторска станица Штип во фаза е подигнување т.е. стручно наречено „плетење“ на првиот далекуводен столб со што, наведуваат оттаму, и официјално и симболично влегуваме во првата фаза на изградба на далекуводот од ТС Штип до македонско-српската граница.
Овој преносен вод е од големо стратешко и енергетско значење заради тоа што се воведува електроенергетска врска со Република Србија која ги зголемува капацитетите за пренос на електрична енергија и ја зголемува доверливоста на електроенергетските системи на регионално ниво.
Трансформаторската станица Штип е најголема инвестиција во преносната електроенергетска мрежа во источна Македонија во изминативе 70 години, со инвестициска вредност од 13 милиони евра која ќе ги задоволи потребите на овој регион за идните 20 години.
