Архитектурата на Вашингтон- неокласицизам со влијание од ренесансна Европа
Згради изградени пред два века во неокласицизам, со влијание на ренесансна Европа, Франција, стариот Египет, Рим и Грција. Вака накусо може да се опише архитектурата на главниот американски град- Вашингтон. Белата куќа, Конгресот, Конгресната библиотека, Врховниот суд, музеите, федералните згради се симболите на Вашингтон кои зад себе имаат своја историја како се градени…

Изградбата на Белата куќа, резиденцијата на американскиот претседател и симболот на Вашингтон почнала во далечната 1792 година. Францускиот архитект ја замислил како своевидна копија на францускиот Версај. Во 1824 година, Белата куќа била трансформирана од вила во неокласична градба која треба да ги рефлектира демократските идеи. Конгресот на Капитол Хил е вториот препознатлив објект на Вашингтон. Почнал да се гради во 1793 година и требало да потсетува на Римскиот Пантеон. Конгресот бил двапати опожаруван, а вo реновирањето учествувале Афроамериканци, дури и робови. Околу Конгресот на површина од 59 хектари се засадени 100 видови на дрвја и грмушки. Зградата во која е сместена Националната Галерија на портрети е наречен храм на иновациите, бидејќи бил модерна градба во 1836 година.
„Биле потребни скоро 50 години за да се изгради целата зграда. Се почнало во 1870-сети со изградба на неокласична фасада и објектот станал еден од најимпозантните симболи на Вашингтон“, изјави Дејвид Ворд, главен архитект на Националната Галерија на портрети во Вашингтон.
Конгресната библиотека Томас Џеферсон која била пуштена во употреба во 1897 година, прва имала електрично осветлување во Вашингтон. Оваа неокласична градба е изградена по моделот на Париската опера и има купола што е опточена со 23-каратно злато.
„Стилот на зградата е италијанска ренесанса. Бил избран на конкурс во 1873 година. Побарале ренесансна зграда бидејќи таа ги претставува препородбата и откривањето на човековото знаење што било изгубено во средниот век“, вели Форд Питрос, главен инжинер и архитект на Конгресната библиотека во Вашингтон.
Меморијалниот центар Линколн е изграден во чест на 16-тиот американски претседател Абрахам Линколн во 1922 година. Градбата има 36 столба што ги претставува тогашните 36 американски сојузни држави. Врховниот суд е неокласична градба по моделот на Стариот Рим што почнала да се гради во 1928 година. Во негова близина е и Департментот за правда, федерална институција надлежна за сите полициски агенции, Американскиот архив во кој се чуваат сите документи и музеите Смитсонијан градени со донација на Џејмс Смитсон. Споменикот Вашингтон е египетски обелиск изграден во чест на првиот американски претседател Џорџ Вашингтон. Ниедна градба во Вашингтон не смее да биде повисока од 169-те метри колку што има овој споменик, што се градел 40 години до 1884, од мермер и гранитни блокови тешки 1.120 тони.
Вашингтон не е прва престолнина на Соединетите Американски Држави. Претходно главни градови биле Њујорк и Филаделфија.
Ирина Гелевска- постојан дописник од Вашингтон за МРТ
