Се градат седум нови водоводи во Поречието

20.12.2014 14:17

После децении нов водовод доби селото Грешница. Досега жителите тука се мачеле со овој горлив проблем, сега сметаат дека тоа ќе ја стопира и миграцијата.

Македонски Брод започнува со градежна офанзива за изградба на 7 нови водоводи во селата во Поречието. Прво од нив што после децении доби нов водовод е селото Грешница. Досега жителите тука се мачеле со овој горлив проблем, сега сметаат дека тоа ќе ја стопира и миграцијата.

„Сега можеме да  изгардиме е купатила, кујни, да ја користиме водата за што сакаме, бидејќи досега немавме доволно ниту за пиење. Со ова сигурно ќе се врати животот тука, еве се најавува и изградба на првите викендици од нашите иселени што се во Битола, Прилеп и Скопје“, велат жителите на с. Грешница.

Општината обезбедила преку Европската банка и владата околу 800.000 евра и наскоро ќе започне со изградба на останатите 6 водоводи за селата Инче, Долни Манастирец, манастирот Света Богородица, Самоков, Црешнево, Белица, и туристичката населба во ова село.

Изградбата на овие водоводи не само што ќе ја стопира миграцијата во овој крај, тука тоа е услов и за економски и туристички развој на целото Поречие.

Со изградбата на водоводните системи веќе се најавиле и првите инвеститори во Поречието.

„Така во село Грешница старото училиште го купи инвеститор од Скопје кој наското ќе започне да гради тука Дом за стари лица, а услов за да влезеше оваа инвестиција беше токму изградбата на новиот водовод“, истакна Милосим Војнески, градоначалник на Македонски Брод.

Бидејќи скоро сите села имаат асфалтен пат, во наредниот период како дел од урбанизацијата се предвидува и изградба на канализациона мрежа во поголемите села.

 

Дарко Штаргоски