Тутунопроизводството- социјална и доходовно извозна култура

20.12.2014 14:31

Единствениот Институт за тутун во земјава полни 90 години истражува и произведува нови сорти тутун и го поддржува тутунопроизводството во земјава. Експертите оптимистични за развојот на оваа социјална и извозно доходовна култура...

Тутунопроизводството останува на овие простори како социјална и доходовно-извозна култура, констатираат од единствената научна установа во земјава, Институтот за тутун. Со семепроизводство и истражувања на оваа индустриска култура се занимава полни 90 години.

„На нашето подрачје, во Република Македонија, тутунот ќе остана уште многу децении, имајќи ги предвид, пред се, социјалниот аспект кој го обезбедува самото производство на тутун за жителите во Македонија и приходот од извозот кој го носи тутунот надвор од Македонија“, вели Гордана Мицеска, директор на Институтот за тутун.

И за експертите во регионот тутунот е доходовно растение од кое може да се користат сите делови, не само лисјата и во повеќе индустриски гранки.

„Тутунот е многу благодатна култура. Не се одгледува само за конзумирање. Светската здравствена организација проведува рестриктивни политики, но од друга страна нема држава која не го одгледува тутунот и е важен за финансиите. Може во повеќе гранки да се искористи целото растение, не само листовите“, изјави Стевка Киркова, директор на Институтот за тутун од Пловдив, Бугарија.

 

Институтот произвел преку 60 сорти ориенталски, полуориенталски и крупнолисни тутуни, издал над 2 200 научни публикации за тутунот и ги советува тутунарите. Влијае и на социоекономскиот живот во градот

„Нивното постоење многу значи за општествениот и економскиот живот во градот како институција“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Прилепскиот институт пред 90 години со решение го формирале тогашните југословенски монополи.

 

Елизабета Митреска