Се бара карта повеќе за премиерата во новиот Велешки театар
Првата претстава на големата сцена во новата театарска зграда во Велес се игра вечерва. Отворањето во живо ќе пренесува Македонската телевизија...

Гужва пред билетарниците на велешкиот театар. Да се биде дел од историскиот момент на подигнување на завесата на големата сцена е желба на секој љубител на театарската уметност. Се бара карта повеќе. Големи се очекувањата.
„Бидејќи јас сум дел од аматерските актери ова за мене е успех во животот“.
„Купив карта и среќен сум што ќе бидам дел од премиерата“.
„Се гордеам со ова што се направи“.
„Многу сум задоволен сакам да бидам дел од тоа случување“, велат случајно анкетираните велешани.
Театарската магија ги обзеде велешани. Првиот театарски ансамбл во Македонија беше формиран во овој град. Од Велес произлегоа и најпознатите театарски имиња. Денешниот ансамбл и покрај неадекватните услови за работа го одеше нивниот пат за денеска конечно тој пат ги одведе на најсовремената сцена во новата театарска зграда. Многу структури и дејности беа ангажирани во неговата изведба.
„Логото на нашата фирма е градиме околу нас цел нов свет. Ова што го гледаме зад нас е дел од тој нов свет кој го имаме создадено и се надеваме дека ќе продолжиме и понатаму да создаваме нови слични нешта“, рече Нове Димитриевски, Делта Пром.
Велешкиот дом на божицата Талија е дело на архитектите Илија и Моника Стојчевски и Билјана Христова. Неговата изградба траеше шест години, а потрошени се околу 12 милиони евра.
Дијана Иванова
