Најавена голема чистка во европските закони

21.12.2014 13:30

Жан – Клод Јункер при претставувањето на програмата за работа на неговата комисија во 2015-та година, сакаше таа да биде одраз на сликата која сака да ја има јавноста за Комисијата. Односно, јасна и ефикасна програма која предвидува повлекување на неважечките, блокирани или застарени европски закони...

Европската комисија на последната сесија во Стразбур ги соопшти приоритетите на нејзината програма за 2015-та година. Таа според претседателот Јункер, треба да биде „Минималистичка и директна“, во која на прво место е борбата против даночното затајување.

„Најголемиот приоритет е без сомневање економскиот раст и борбата против невработеноста“, рече Јункер.

Потпретседателот на Комисијата Франс Тимерманс ја дообјасни програмата: Подобрување на заедничкиот дигитален пазар, миграцијата, продлабочување на економската и монетарната унија и укинување на законите кои се блокирани, неважечки или според Комисијата неефикасни.

„Време е за големо чистење за да се добие на време и да се вложи енергијата во предлозите кои ќе имаат повеќе влијание врз невработеноста и растот и за кои постои надеж дека ќе бидат усвоени во блиска иднина“, вели Тимерманс.

Вкупно 83 европски закони од 452 ќе бидат пренапишани, променети или изменети, меѓу нив и текстот кој се однесува на енергијата, раководењето со отпадот и квалитетот на воздухот. Сите тие се дел од така наречената „листа за одстрел“.

Рекациите на европратениците беа различни.

„Ние ги поздравуваме промените, но ние веќе дискутиравме, спроведувањето на програмата за работа на ЕК е клучно“, изјави Жозеф Сзајер - Народни партии.

„Мојата група има приоритети и тие сите ги знаат: Намалување на невработеноста, посебно кај младите“, нагласи Енрико Гуеррео Салом - Социјалисти и демократи. 

Конзервативците надвор од групата на Народните партии се задоволни, со оглед дека законодавството поставува значајно прашање. 

„Дали тоа ќе им дозволи или не на претпријатијата полесно да просперираат. Односно со други зборови дали да се регулира само во конкретни и потврдени случаи“, се запраша Сиад Камал од Европски конзервативци и реформатори.

За либералите таа листа е како пропусница за земјите членки, која им дозволува да го блокираат законодавството. 

„Ако земјите членки знаат дека можат подолго време да попречуваат една регулатива, тогаш тие ќе наметнуваат пречки“, констатира Ги Верховстад од Либералите. 

Зелените изразија презир откако видоа дека регулативата за квалитетот на воздухот и раководењето на отпадот е оставена за подоцна.

„Тие кои што не следеа за време на претходниот мандат знаат дека ние присуствуваме на јасно назадување на политиката од областа на климата и енергетиката, но сега се оди уште подалеку“, предупреди Ребека Хармс – Зелени.

За програмата на Комисијата за 2015 година ќе се гласа во јануари.

 

Тони Гламчевски