Груевски: Се очекува нова инвестиција во струшко- охридскиот регион
Груевски денеска во Штип, одговарајќи на новинарски прашања соопшти дека Владата е во завршна фаза на преговори со повеќе странски компании...

Нова странска инвестиција наскоро ќе објави влез во струшко- охридскиот регион, очекува премиерот Никола Груевски, кој официјалната објава на компанијата ја очекува во наредната недела.
Груевски денеска во Штип, одговарајќи на новинарски прашања соопшти дека Владата е во завршна фаза на преговори со повеќе странски компании.
„Се надевам дека компанија којашто во март- април годинава неформално ни кажа дека донеле интерна одлука да инвестираат, очекувам во текот на следната недела да ја објави одлуката и акцискиот план за градба на фабрика. Се работи за компанија која планира да инвестира во регионот на Струга и Охрид“, изјави Груевски.
Премиерот додаде дека при крај се преговорите со уште една компанија која треба да донесе неколку илјади вработувања во Северозападна Македонија.
„Во длабока фаза сме на преговори или фудбалски кажано во 89 минута на натпреварот, но тој трае 90 или повеќе минути, така што не е добро предвреме да се каже нешто“, рече Груевски истакнувајќи дека се блиску до завршување на преговори со уште неколку други компании во повеќе делови на државата.
Оваа недела влез на македонскиот пазар најавија компаниите Гентерм и Капкон. Првата ќе инвестира во индустриската зона во Прилеп, а втората во Скопје. И двете планираат брза реализација на инвестициите.
