Значително зголемен интересот за „Купи куќа, купи стан“

20.12.2014 17:19

По првиот саем значително е зголемен интересот за купување нов дом со државна помош. Од денеска до 28-ми декември во трговскиот центар Рамстор се одржува вториот на кој се собрани банки, градежни фирми кои се дел од проектот „Купи куќа, купи стан“. Изненадувања и за учесниците во наградната игра „Фискална во рака- награда без мака“...

За само еден месец се одобрени повеќе од 50 кредити, што е зголемување од претходно. Министерот за финансии оценува дека интересот е зголемен по првиот саем на „Купи куќа, купи стан“. Денеска градежните компании, банките и осигурителните компании се собраа на по втор пат со иста цел.

„Првиот саем што се одржа во Сити Мол покажа исклучително добри резултати. Имаме зголемен интерес за проектот, сите банки, сите фирми не информираа дека имаме зголемен интерес за проектот, дека граѓаните се интересираат“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Граѓаните и овој пат најмногу се интересираат за условите. 14.000 евра неповратна помош е заштедата што граѓаните ја добиваат со овој проект. Банките очекуваат нови апликации.

„Ние се трудиме да бидеме во чекор со конкуренцијата и да ги задоволуваме потребите на граѓаните“, вели Марија Здравковска, банкар.

Поволностите што ги нуди проектот, ниските каматни стапки и сувбвенциите ја  зголемија продажбата на станови, велат во градежните компании .

„Минатата година имавме 274 квалитетни стамбени единици, а оваа година 300 или над 300“, вели Вачо Чифлиганец, сопсвеник на градежна компанија.

Од овој сектор најавуваат изградба на нови типски населби.

„Во план е втората типска населба во општина Сопиште каде што ќе има објекти од проектот Купи куќа, купи стан“, вели Роберт Хот, сопственик на градежна компанија.

Проектот „Купи куќа, купи стан“ ќе продолжи во 2015- тата и со промоција низ градовите.

 

Дијана Ценевска