Охридските угостители се подготвуваат за „Водици“
Каролина Гочева и уште една музичка балканска звезда ќе ги забавуваат охриѓани и гостите за големиот христијански празник Богојавление- Водици. Ако се знае дека кум на манифестацијата е музичката мега звезда, Жељко Јоксимовиќ, тогаш уште сега може да се каже дека Охрид ќе биде преполн со гости од земјата и регионот. За тоа секако ќе придонесе и намалувањето на цените во хотелите, каде ноќевање со доручек ќе чини од 10 до 25 евра...

Охрид се подготвува за уште едно спектакуларно одбележување на верскиот празник Богојавление-Водици. Покрај несекојдневното доживување кога стотици верници скокаат во ладните езерски води по светиот крст,кумството на балканската мега звезда, Жељко Јоксимовиќ, овој пат магнет за верниците од Македонија и регионот ќе биде настапот на Каролина Гочева и уште една балканска музичка звезда.
„На градскиот плоштад предвиден е концерт на Каролина Гочева со нејзиниот последен проект Македонско девојче, кој што ќе биде за сите присутни гости и охриѓани во рамките на прославата на овој празник, со цел да се збогати целиот викенд во очи на празникот“, изјави Ѓоко Апостолов, Раководител на ТЛЕР, општина Охрид.
Празничната програма ќе трае четири дена,а хотелите ќе понудат празнични аранжмани со попусти од 30 до 50 проценти. Ноќевање со доручек ќе чини од 10 до 25 евра, во зависност од категоријата на објектот.
„Убаво е кога сме сите заедно во една акција која што има повеќекратно значење. Пред сѐ придонесуваме за убава прослава на нашиот верски празник, големиот празник Богојавление- Водици, второ привлекуваме гости од другите градови и трето, овозможуваме нашите објекти да функционираат“, изјави Тоше Чочороски, менаџер на Хотел „Силекс“.
Очекувањата се големи и доколку се оди според планираното ќе се остварат желбите на охриѓани верско-народната манифестација да биде интернационализирана, а во исто време ќе биде продолжена и туристичката сезона во овој период од годината.
Сашо Нелоски
