Македонија сѐ поинтересна за странските инвеститори
Очекувањата се многу скоро да бидат обелоденети имиња на нови компании кои одлучиле за го шират својот бизнис во Македонија. Едната е во струшко- охридскиот регион, а другата во северозападна Македонија...
Македонија и понатаму останува интересна земја за нови странски инвестиции. По последните две, Капкон и Гентерм, очекувањата се многу скоро да бидат обелоденети имиња на нови компании кои одлучиле за го шират својот бизнис во Македонија. Едната е во струшко- охридскиот регион, а другата во северозападна Македонија.
„Гентерм е компанија која ќе вработи вкупно 2.000 луѓе во Прилеп и ќе овозможи вработување за многу луѓе кои немаат работа, а ќе произведуваат делови за автомобилската индустрија, втората компанија која ќе инвестира во Скопје ќе вработи 400 луѓе и ќе произведува инфлатори за воздушни перничиња“, изјави премиерот Никола Груевски.
Оваа Влада, рече премиерот Груевски посветено работи и на решавање на многу проблеми со кои секојдневно се судруваат граѓаните. Со одлуката за зголемување на акцизата за цигарите тој смета дека во многу ќе им се олесни животот на лицата со ретки болести.
„Јас верувам дека тој еден денар нема многу да им значи на конзументите на цигари, а толку многу ќе им значи на лицата кои боледуваат од ретки болести, кои често пати завршуваат фателно“, нагласи премиерот Груевски.
Законската обврска за плаќање на придонесите на хонорарните работници е во интерес на работниците и нивните законски загарантирани права, одговарајќи на новинарско прашање, рече премиерот Груевски, додавајќи дека ваков закон се применува скоро во сите Европски држави.
Груевски денеска во Штип ја посети и Трафостаницата на МЕПСО од каде што започнува изградбата на 400 киловолтен далекувод, кој македонскиот електро систем ќе го поврзе со српскиот.
Дијана Иванова
