Нов пат и ново игралиште во Прилеп

21.12.2014 13:18

Во последните години во прилепско се асфалтирани 200 километри локални патишта. Министерот за транспорт Јанакиески истакна дека изградбата на патната инфраструктура со несмален интензитет ќе продолжи и во 2015-та...

За прв пат во нивното постоење прилепските села Ерековци и Клепач се поврзаа со асфалтен пат. Патот е долг 2,5 км, а инвестицијата е 260.000 евра. Со него им се олеснува животот на жителите, кои сега полесно и побрзо ќе можат да стигнат до Прилеп.

„Многу е убаво сега, досега газевме само во кал, со години чекаме да направи овој пат кој сега многу ќе ни го олесни движењето за Прилеп“, велат жителите на Ерековци и Клепач.

Во последните години во прилепско се асфалтирани 200 километри локални патишта. Министерот за транспорт Јанакиески истакна дека изградбата на патната инфраструктура со несмален интензитет ќе продолжи и во 2015-та.

„Наредната година ќе бидат изградени и реконструирани 75 локални патишта, а со тоа ќе се заврши проекто за рехабилитација на локални и регионални патишта за што беа потрошени средства во висина од 150 милиони евра“, изјави Миле Јанакиески, Министер за транспорт и врски.

„Нареден проект кој ќе се реализира е патот помеѓу селата Полчиште и Бешиште во Мариово, исто така Бонче ќе се поврзи со асфалт со Подмол, потоа ќе се асфалтираат патиштата во Маркова чешма, патот до манастирот во село Лениште, се прави проект за асфалтирање и на патиштата до Дабница и Крстец“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Во Прилеп беше пуштено во употреба и повеќенаменско игралиште во гимназијата Мирче Ацев. Ова дел од проектот агенцијата за спорт и млади за изградба на 35 спортски сали, 50 фудбалски игралишта, 120 тениски терени и 100 повеќенаменски игралишта.

„Ова е 35-тото повеќе наменско игралиште кое го ставаме во функција, од 100-те предвидени игралишта досега се завршени 49“, рече Марјан Спасески, директор на Агенција за млади и спорт.

Инаку досега во прилеп се изградени две фудбалски игралишта, еден тениски терен, и сега ова повеќе наменско игралиште. Изградени се и 2 спортски сали, 2 веќе се градат, а треба да се изградат уште 3 спортски сали, еден тениски терен и уште едно повеќенаменско игралиште во наредниот период.

 

Дарко Штарговски