Шопинг треска: Американците ќе потрошат 167 милијарди долари на божиќни подароци

21.12.2014 16:21

Подобрената економска ситуација ги мами купувачите да трошат повеќе, додека трговците тријат раце. Само преку интернет во последниов месец биле купени производи во вредност од 35 милијарди долари. Најмногу се троши на електроника, облека, накит, покуќнина...

Америка е во шопинг треска. Најдолгиот празник во годината, отсекогаш ги мами Американците да трошат повеќе. Најмногу се купуваат производи преку интернет. Две недели пред Божиќ, продажбата преку интернет сајтовите на сите поголеми шопинг центри како Мејсис, Маршалс, ТиЏејМакс, бележат најмалку 50 проценти зголемен профит. Да за се привлечат што е можно повеќе купувачи, трговците нудат бесплатна достава до дома, попуст во одредени денови или дури часови во денот, купи едно земи два или три производи. Телевизиските куќи раце тријат од приливот на финансии од реклами. Сите се задоволни со добиеното.

Луѓето оваа година поради подобрата економска ситуација, можат да си дозволат полуксузни подароци за најблиските. Најмногу се продава мебел, апарати за домаќинство, најновите електронски производи, облека, накит, парфеми и играчки. Невообичаено убавото сончево време за време на викендите измами голем број на посетители и на Божиќниот саем во Вашингтон.

Продавачите во шатори на отворено имаат своја формула за успех, велат рачно изработените практични и декоративни производи најдобро се продаваат. Оваа година најголеми зависници од шопинг во главниот американски град се жените. На Божиќниот саем, 60 проценти од купувачите се жени.

„Моите производи се од стакло. Јас лично ги сечам деловите и ги дизајнирам и ги топам заедно. Оваа година е супер продажбата, имаме многу бизнисмени и меѓународни посетители коишто купуваат, покрај локалните луѓе во Вашингтон“.

„Оваа година, најмногу возрасни купуваат капи и ракавици за себе и за децата. Ова е се рачна изработка. Јас патувам долж источниот брег на Америка и ги продавам производите на слична вакви панаѓури. Сепак овој во Вашингтон ми е омилен. Овде бев и за Денот на благодарноста“, велат продавачите.

„Најмногу купуваат жените. Најпопуларни се чоколадните табли, зошто тие се најмногу во духот на Божиќ од сите производи што ги имаме. Претходно се продаваа и мачмалоу, но сега најбрзо се продаваат чоколадните табли.“

„Оваа година за Божиќ најмногу се продаваат огрлиците и обетките и многу прстени. Луѓето купуваат различни производи, сребро, злато, многу впечатливи огрлици како овие. Бизнисот оваа година е многу добар.“

Купувачите на Божиќниот саем се локални жители на Вашингтон, но има и туристи од дома и од странство. Паузата за ручек на пладне овие денови се користи за шопинг на подароци за Божиќ во последен миг.

„Ние живееме во Ричмонд, Вирџинија, имаме ваков маркет, но е помал од овој.“

„Интересно е, има многу работи. Одамна купив подароци за Божиќ“, велат купувачите кои ги затекнавме.

Само неколку денови пред Божиќ, најмногу Американци веќе го завршиле купувањето за празниците.

„За мојот син купив електронски апарати, за сопругот парфем и облека. Здодевно како и секогаш.“

„Исто и јас, од се по нешто, електроника, облека.“

„За сите купив по нешто, за семејството и пријателите, по нешто што мислам дека ќе им се допадне“, велат купувачите кои ги затекнавме во Маршалс.

„Имам 6-годишна ќерка, па и купив играчки и облека. За многу луѓе купив подарок картички, бидејќи е најлесно да се направи. Направив и неколку кошници за празниците за пријателите.“

Мажите најмногу за заинтересирани за купување на нов автомобил. Во супермаркетите се продава храна и пијалаци во поголемо количество од нормалното поради божиќните забави во канцелариите. Побогатите Американци веќе се заминати на патувања за божиќните и новогодишните празници.

Оваа година за разлика од лани, Американците не можат да си дозволат да купат најнови модели на мобилни телефони. Самсунг и Ејпл ги продаваат своите најнови производи по најмалку 600 долари.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ