Спелеологијата- љубов и страст за Дарко Неданоски

21.12.2014 16:34

Откривањето на тајните на природата е предизвик кој најчесто преминува во страст. Особено за спелеолозите кои ги откриваат длабочините на земјата и убавините. Ова е приказна за младиот Дарко, спелеолог кој е меѓу првите во меѓународните експедиции...

Спелеологијата е неговата љубов, но и страст. Дел е од единствената македонска експедиција која се спуштила 534 метри во словенечката пештера- пропаст Брезно. Вели, секогаш е без здив кога ќе се соочи со моќта на природата. 21-годишниот прилепчанец Дарко Неданоски неповратно е обземен од пештерите.

„Заедно со мојот колега Марио Андоноски сме првите македонци кои се симнале, надвор од нашата територија. Чувството беше многу фасцинантно. Премногу присуство на адреналин. Оставаат без здив сите форми, украси што тајните во длабочината на поидземјето што не се достапни за сите, за да можеме да ги видиме“, вели Дарко Неданоски, спелеолог.

Со откривањето на тајните на пештерите  почнува на 15 години. Член е на друштвото „Златоврв“. Влегол во над 100 македонски пештери. И три дена останал во една од нив. Неминовни се стравот и паниката од непознатото. Без тренинг не се влегува во утробата на земјата.

„Потребно е многу психолошка подготвеност и смиреност, зашто кога сме во длабочините во мракот често се соочуваме со стресот и паниката“, вели Неданоски.

Учи од искусните, постојано е на истражување, на меѓународни семинари за спасување. Желба му е да постави рекорд. Во најголемата светска пропаст.

„Да слезам во најголемата пропаст која е долга 2 километри. Таа е во Грузија, Грубера. И здравје, да бидеме дел од тим за експедиција“, вели спелеологот Дарко Неданоски.

И останува верен на својата љубов – спелеологијата. Студиите по геологија на 21-годишниот Дарко ќе му помогнат во новите пештерски предизвици.

 

Елизабета Митреска