Прилеп прослави 1.000 години од своето постоење

21.12.2014 16:40

Отворени беа сите музеи, а кафулињата работеа со продолжено време. Градот славеше илјада години од своето постоење. Прилепчани велат дека Прилеп е број 1 на културен план во Македонија...

Прилеп синоќа беше центарот на културата во Македонија. Немаше катче во градот каде не се случуваа изложби, концерти, театарски претстави или филмски проекции. Отворени беа сите музеи, а кафулињата работеа со продолжено време. Градот славеше илјада години од своето постоење. Прилепчани велат дека Прилеп е број 1 на културен план во Македонија.

„Прилеп отсекогаш бил центар на културата, ние сме горди на тоа, доказ е тоа што тука има голем број уметници кои се дојдени да творат, Прилеп живеел и ќе живее за уменоста“, велат прилепчани.

Се одржа и трибина на која беше претставено милениумското пулсирање на градот.

„Прилеп за прв пат е споменат за жал кога Самоил го доживува својот катастрофален пораз со битката со византискиот император Василиј Втори. Тогаш неговиот син Гаврило Радомир го спасува и го донесува тука во Прилеп, кога градот од страна на византискиот историчар Јован Скилица е запишан како Прилапон“, вели Горјан Василески, историчар.

Прилеп подготви и капитално дело - монографија за својот илјадити роденден, во која се опфатени сите сегменти на прилеп од 1014 до 2014 година.

„Монографијата има огромно значење, тоа е едно капитално дело, а нас ни припадна честа да ја работиме, на неа работеа 42-јца академици и научни работници“, истакна Владимир Караџоски, главен уредник на монографијата.

„Се добива едно капитално дело или монографија која ќе остане за сите сегашни и идни генерации, а нејзината видео презентација ќе се одрѓи наредната недела“, рече Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Ретко кој град во Македонија може да се пофали со своето илјада годишно постоење, со својата историја, култура и традиција Прилеп оставил значаен белег во развојот на македонската држава. Бил авангарда секогаш и во се, а тоа ќе продолжи и во наредните илјада години.

 

Дарко Штаргоски