Маврово подготвено за зимската сезона, се чека снегот!

21.12.2014 17:21

Деновиве МРТ ве води на нашите зимски туристички центри. На ред е Маврово. Таму сеуште нема снег, но посетителите велат дека Маврово има специфична местоположба и може да се ужива и во останатите природни убавини...

Маврово е секогаш убаво, па дури и кога во декември нема снег, велат посетителите кои овој викенд, покрај од земјава, дојдоа и од Косово, Србија и други соседни земји.

Времето беше совршено за прошетки по падините на Бистра. Тука и чајот има поинаков вкус, веројатно поради чистистата природа, свежиот воздух, планинскиот мир.

„Дојдовме непланирано, да се прошетаме. Чајот овде е вкусен, а и кафето исто. Симпатично е, планираме да се прошетаме малу, па можебни нагоре ќе најдеме и снег“, вели турист од Скопје.

„Кога би имало снег би било уште поубаво. Но кога веќе нема снег, има можност за прошетки. Убаво е“, рече турист од Косово.

Угостителите се подготвуваат за зимската сезона која треба да започне деновиве. Велат дека туристите веќе прават резервации, најмногу за дочекот на Новата Година.

„Она што Маврово го прави поубаво и поинакво од другите ски центри е гостопримливоста на персоналот, бројните ски лифтови и жичари, езерото, погледот, природата и сето тоа во склоп е многу добро“, изјави Влатко Трајкоски, угостител.

Од ски центарот во Маврово очекуваат доволно снег за веднаш да проработат ски лифтовите. Мавровските патеки, според нив, се лесно достапни бидејќи се многу блиску до паркиралиштата.

„Извршени се сите технички прегледи и сервиси на сите жичари и ски лифтови, како и на пропратните објекти. Само снегот го очекуваме. Што се однесува до центарот, доколку падне снегот, веднаш ги вклучуваме жичарниците и ски лифотвите и започнуваме со скијање“, изјави Иван Симески, директор на ски центар Заре Лазарески – Маврово.

Инфраструктурата во Маврово се подобрува, особено со обновата на патот од браната се до ски центарот. На повеќе места се изградени тротоари, а поставено е и улично осветлување.

 

Зоран Јованоски