Кошарка - НБА

Перо Антиќ славеше кај Харден и Хауард

21.12.2014 18:04

Со деветтата победа во последните 10 настапи или 19 вкупно Атланта е трета на истокот, зад Торонто и Вашингтон...

Гостувањето во Хјустон Перо Антиќ го зачини со 7 поени и 2 скока за 16 минути игра, со 67 проценти реализација од игра, каде што погоди 2 тројки од 3 обиди, притоа имаше едно прецизно слободно фрлање. Најефикасен беше Корвер со 22 поена, а најдобриот стрелец во лигата Харден беше сведен само на 18 поени, а центарот Хауард постигна поен повеќе.

Со деветтата победа во последните 10 настапи или 19 вкупно Атланта е трета на истокот, зад Торонто и Вашингтон. „Вечното“ тексашко дерби го одбележа Рејџон Рондо кој дебитираше за Далас со 6 поени 7 скокови и 9 асистенции. Што е најважно, го разигра Елис кој оствари 32 поена, во победата над шампионот Сан Антонио 99 : 93. Гостите беа ослабени без ударното трио Паркер, Данкан и Џинобили, како и минатогодишниот МВП на финалето Ленард.

Во другите мечеви домашни победи забележаа Денвер над Индијана со 76 : 73, ЛА Клиперс против Милвоки 106 : 102 и Шарлот – Јута 104 : 86. Феникс славеше во Њујорк 99 : 90, а Портланд во Њу Орлеанс 114 : 88.