Отворена седница на Владата- најавени нови мерки и инвестиции

21.12.2014 17:21

Во македонската Влада во тек е отворената владина седница. На дневен ред се повеќе од 100 точки за кои се расправа...

Најава за нови инвестиции, мерки за подобрување на бизнис – климата, вработување на 280 професионални војници в година, месечна стипендија за секој студент што ќе се запише на Педагошки факултет во висина од 50 проценти од минимална плата, пилот државен испит пред почетокот на реформата. Во македонската Влада во тек е отворената владина седница. На дневен ред се повеќе од 100 точки за кои се расправа.

Владината седница беше отворена со информации за акцискиот план за евроинтеграциите. Министерот Бесими истакна дека во сите посочени точки од Европската Комисија се работи и има напредок.

Министерот Јолевски информираше за проектот „Армијата мој дом“ и истакна дека има огромен интерес, односно дека веќе се пријавени над 520 лица.

Напредува интероперативноста, информираше министерот Ивановски и нагласи дека направени се над 2.000 трансакции меѓу институциите.

Трети сме во светот за почнување бизнис.  Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески зборувајќи за напредокот и реформите на на Република Македонија рече дека процесот ќе се надоградува со нови 32 генерални мерки.

Ние како координатори на реформите во овој дел предлагаме нови 32 мерки, коишто се 32 генерални мерки, во рамки на нив има дополнителни подзаклучоци, некаде  над 50 нови мерки ќе дојдат. Со нив во секој  сегмент од сите 10-11 индикатори што ги опфаќа Извештајот Дуинг бизнис предлагаме мерки за подобрување на  состојбите, рече Ставрески.

Новини во високото образование најави министерот Адеми. Дипломираните студенти од Педагошкиот факултет ќе треба да посетуваат една година Академија по што ќе се стекнат со лиценци за работа. До нивното вработување ќе добиваат паричен надоместок.

Министерот Адеми најави и можност за пробно спроведување на државниот испит.

Државниот испит се смета за положен доколку студентот освоил најмалку 60 отсто од вкупниот број предвидени бодови за сите предмети. Државниот испит се смета за положен и ако студентот за 20 отсто од предметите постигнал најмалку 30 отсто од бодовите за секој предмет поединечно, но вкупниот збир на бодовите да не биде помалку од 60 отсто од вкупниот број предвидени бодови за сите предмети, рече Адеми.

Најава за влез на повеќе странски инвестиции

На денешната отворена седница на Владата за следната 2015 година беа најавени повеќе странски инвестиции. Заинтересирани за инвестирање во Македонија се американски, германски, но и италијански, турски и словачки компании.

Бил Павлески, министер за странски инвестиции без ресор, информираше дека германска компанија донела одлука за инвестирање во Република Македонија, а како локација бил избран градот Прилеп. Друга фирма од Германија, како што кажа тој, селектира парцела во ТИРЗ 1 во Скопје и тие ќе започнат со градба на фабриката оваа пролет.

Министерот информираше дека во завршна фаза се разговорите и за инвестиција во источниот дел на Македонија, регион каде што има голема невработеност.

Павлески посочи дека заинтересирани за инвестирање во Македонија се уште две фирми. Едната од и нив е американска и планира да отвори кол центар за компјутерска технологија во Македонија. Втората е италијанска компанија која е во фаза на одлучување за инвестирање во Македонија, во кичевскиот дел, каде би произведувале столбови за далекуводи.

Министерот Наумоф истакна дека се финализира постапката  со голема меѓународна фирма која работи во областа на аутсорсинг на бизнис процеси и која јавно котира на берзата во Њујорк. Оваа компанија ќе создаде околу 1.000 нови работни места.

По празниците се очекува американска компанија, која би вработила 2.500 лица во северозападна Македонија, да донесе конечна одлука за инвестирање во земјата, најави министерот Самак.

Се работи за американска компанија која има седиште во Минхен. Фаворит за инвестирање остана регионот во северозапдна Македонија. Направија уште една посета на земјата и начелно ни кажаа дека ќе ја предложат Македонија и се надеваме дека за еден месец поради празниците тоа да се официјализира. Тие ги проверија и можните локации и начинот на кој би почнале и профилот на луѓе. Тоа би било поголема инвестиција, изјави Самак.

Во тек се преговорите со две белгиски фирми и една швајцарска кои пројавија интерес за инвестирање во Македонија, рече министерот Фида. Овие компании би требало во првите три месеци од 2015 да донесат одлука.

На седницата беше посочено дека за инвестирање во земјата има и заинтересирани турски и словачки компании и оти во првите три месеци од 2015 се очекува да има поконкретни информации.