Ракомет

Македонија во мундијалски филм Катар 2015

21.12.2014 00:21

Во спортскиот комплекс Јане Сандански избраниците на селекторот Ивица Обрван ќе акумулираат енергија и ќе ја моделираат формата и стратегијата за новиот голем настан кој кој почнува на 15-ти јануари идната година...

Македонската ракометна репрезентација го отвори досието „Мундијал Катар 2015“.

Во спортскиот комплекс Јане Сандански избраниците на селекторот Ивица  Обрван ќе акумулираат енергија и ќе ја моделираат формата и стратегијата за новиот голем настан кој  кој почнува на 15-ти јануари идната година.

21 ракометар од поширокиот список од 28 ќе работат во Скопје до 8 јануари, период во кој треба да се одиграат две контроли со Израел, па да се замине на генералка на турнирот во Франција каде што пред заминувањето за Катар ќе ја тестираме формата против Алжир и потоа против домаќинот или со Русија.

По континуитетот настапи на европските и светските собири, македонската ракометна јавност од селкторот и од оваа генерација ракометари во Катар ќе бара и резултатски печат и пробив кон историски пласман на Олимпијадата во Рио 2016-та. Предизвикот е голем и за предводникот и за неговите избраници:

„Ние одиме со амбиции да направиме добар резултат, а тоа е да се најдеме во конкуренција на селкции кои бркаат Олимпијада во Рио. Целите се исти пред сите големи првенства, а беа нагласени уште кога ја минавме Грција.

„Настаните кои се случуваа од јуни до сега не се поволни, но моја и задача на стручниот штаб е да се обидеме што побрзо и поефикасно да  ги санираме проблемите и во овој многу кус период да ја донесеме репрезентацијата во едно оптимално психолошко и физичко ниво кое ќе ни овозможи да ги оствариме поставените цели“, беа впечатоците  на Ивица Обрван, кој на првиот собир поради клупски обврски ги немаше на располагање капитенот Кире Лазаров и повратникот во репрезентацијата Стојчевски.

Мундијалот го отвораме во меч со Тунис на 16-ти јануари, наредниот ден играме со Иран, а од 19-23-ти, со ден пауза меѓу секој дуел наши противници се Бих, Хрватска, и Австрија.

Четирите најдобри во групата одат во осминафинале во кое полесен противник би имале ако сме први или втори. А вкрстуваме со А групата во која се селекциите  на Шанија, Словенија, Белорусија, Бразил, Катар и Чиле.