Градежништвото и странските инвестиции- двигатели на македонската економија и во 2015-та
Инфраструктурните проекти, автопатите и пругата кон Бугарија, ќе ги раздвижат и другите индустриски гранки, а главен предизвик ќе биде зголемувањето на конкурентноста...

Зголемување на индустриското производство и извозот преку подигање на конкурентноста на економијата се главните предизвици во новата 2015-та година, велат од Стопанската комора. Треба да се работи на зголемување на надворешно- трговската размена, формирање на конзорциум за побрз проток на стоки и услуги , унифицирање на патните такси и отстранувње на нетарифните бариери.
„2015-та година ќе биде тешка, меѓутоа тргнувајќи од податоците кои се релевантни и кои укажуваат на зголемување на индустриското производство, зголемување на вкупната надворешно- трговска размена како и зголемување на извозот, има охрабрувачки сигнали дека македонските компании навистина добро се снаоѓаат и дека добро ќе се снајдат и во наредната година“, изјави Јелисавета Георгиева од Стопанската комора на Македонија.
Од бизнис секторот велат дека градежништвото и натаму ќе биде двигател на економијата. Странските инвестиции, според бизнисмените на долг рок значат позитивен сигнал и за домашниот сектор. Потребно е да се поттикне соработката меѓу индустриските зони и домашниот сектор.
„Очекуваме дека и во 2015-та година ќе се задржи оваа динамика на влез на странски компании во технолошко- индустриските зони, а со тоа ќе настојуваме да се организираат разни бизнис форуми и среби помеѓу извозниците кои се на нашата територија и нашите домашни компании“, смета бизнисменот Сеад Кочан.
Инфраструктурната ера според Кочан, изградбата на пругата кон Бугарија и на трите автопатски делници, на долг рок ќе дадат нови бенефити во македонската економија.
Дијана Ценевска
