Поднесени 306.000 барања за откуп на дворно место

22.12.2014 15:47

Најголемиот дел од нив, 234 илјади, се поднесени по намалувањето на цената, што значи дека корисниците ќе ги приватизираат по цена од едно евро за квадратен метар...

Граѓаните поднеле 306 илјади барања за откуп на дворните места. Најголемиот дел од нив, 234 илјади, се поднесени по намалувањето на цената, што значи дека корисниците ќе ги приватизираат по цена од едно евро за квадратен метар. Службите работат под полна пара. Досега се решени 176 илјади предмети, другите се во процедура.

„Спуштањето на цената на едно евро беше вистинска мерка, бидејќи граѓаните и претходно можеа да поднесат барање но, не го правеа тоа. Се работи за процес којшто се случува еднаш во генерација. Сега овие граѓани можат да си го купат земјиштето, да им го остават во наследство на децата и на внуците,  на своето поколение, со што се зголемува и вредноста на имотот, бидејќи ќе можат да го користат и за надградба на куќа, за хипотека и слично. Затоа сметам дека се работи за исклучително успешен проект“, изјави Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.

За да им се излезе во пресрет на граѓаните, рокот неколкупати беше пролонгиран. Процедурата беше едноставна, се бараа малку документи.

„Се бараше имотен лист и копија од лична карта, уплатници на 250 и на 50 денари, правен основа за барањето за приватизација“ – објаснуваат граѓаните.

Пред донесувањето на мерката за едно евро, за квадратен метар дворно земјиште се плаќаше и до 13 евра, односно 800 денари. Оние кои не поднесоа барање до 15 декември ќе плаќаат закупнина за земјиштето.

 

Мартин Пушевски