Зелената градба ги намалува трошоците и ја штити околината!

22.12.2014 16:50

Градежниците и надлежните се обединија во Македонски совет за зелена градба. Целта е градба на енергетски ефикасни објекти што ќе ги намалат трошоците на граѓаните, но и ќе ја заштитуваат животната средина од загадување. До година ќе се менува и законската регулатива...

Сметките во домаќинството се болна точка на многу граѓани, особено за греење во зимските денови. Оние кои живеат во домови што се енергетски ефикасни немаат такви проблеми.

Трошоците при зелена градба се до 5 проценти повисоки. Сопственикот на станбениот или деловниот објект веќе во прва година ги враќа вложените пари. Годишно ќе заштедува до 30 проценти електрична енергија и до 40 проценти вода.

Куќа, на север по стандардите на зелена градба треба да има дебели ѕидови, а на југ големи прозорци. Повеќеслојната изолација е неопходна. Низ прозорците на покривот влегува светлина во длабочината на куќата. Според градежниците, ваквиот начин на градба ќе ја намали сиромаштијата .

„Некој ќе праша како ќе ја намали сиромаштијата? Одговорот е многу едноставен. Ваков тип на објекти трошат многу малку енергија, сметките на крајот на месецот ќе бидат многу пониски“, вели Роберт Хот, претседател на Градежна комора на Македонија при ССК.

Иницијативата за зелена градба ќе генерира одржлив развој на градежниот сектор, ќе отвора нови работни места.

„Концептот на зелена градба е од огромно значење не само за градежниот сектор туку и за граѓаните на Македонија, бидејќи значително го подобрува квалитетот на животот, влијае врз подобрување на сигурноста и здравјето на човекот како и на животната средина“, смета Данела Арсовска, претседател на ССК.

„Ние од јануари ќе почнеме со целосна измена на законот за градење каде што дел од овие инцијативи ќе си најдат свое место“, нагласи министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Зелени објекти се градби за секаква намена. Во Англија, Германија, Австрија цели квартови се изградени со вакви објекти, во Бугарија  пак се повеќе се користат зелените стандарди при градба.

 

Наташа Јанчиќ