2014-та успешна година за одбраната
Традиционална средба на актуелниот министер за одбрана и началникот на генералштабот на Армијата, со поранешни министри и генерали. 2014-та оценета како успешна. Остануваат приоритетите и за идната година, членството во НАТО, подобар стандард на припадниците на Армијата и модернизација...

Традиционално, 12-та година по ред актуелниот министер за одбрана и првиот човек на генералштабот на Армијата на заедничка маса со поранешните министри за одбрана и началниците на генералштабовите. Целта се размена на мислења и информации за она што се прави во одбраната, каков напредок е направен во реформите и во исполнувањето на стандардите. Првиот министер за одбрана во самостојна Македонија, Гоцески и пензионираниот генерал Арсовски, сметаат дека земјава направи голем исчекор во спроведувањето на реформите и заслужи да биде дел од НАТО.
„Ги исполнуваме стандардите што ги имаат земјите членки на НАТО и на Европската Унија, и тоа покажува дека Македонија како држава рамноправно може да ги споделува тие вредности“, смета Трајан Гоцевски, прв министер за одбрана.
Континуитетот во безбедносниот систем е неопходен. Ветераните не треба да бидат изолирани од случувањата во одбраната, смета генералот Арсовски.
„Не треба да бидеме слепи ниту глуви што се случува во нашата армија и воопшто со одбраната на Македонија, бидејќи тоа не ние е сеедно. Бараме тоа да се продолжи, да ги имаме податоците и да можеме ние да работиме како ветерани“, изјави генерал Митре Арсовски, прв началник на ГШ на АРМ.
Министерот за одбрана Јолевски потенцира дека стандардот на војниците, модернизацијата на Армијата се приоритети и за идната година. Освен тоа, проектот „АРМ- Мој вистински дом“, новите униформи и набавка на современа техника се дел од планираното.
„Ќе продолжиме идната година со активностите за подобрување на стандардот на припадниците на Армијата, најавивме прием на нови 250 професионални војници и ќе продолжиме со унапредување, односно модернизација на опремата на АРМ“, изјави министерот за одбрана, Зоран Јолевски.
Според Јолевски, искуството на екс министрите и пензионираните генерали се драгоцени за тоа како да се раководи со одбраната.
Милчо Велески
