Сајбер- армагедон во 2015-та

22.12.2014 16:59

Компјутерџиите предупредуваат – 2015 ќе биде година на сајбер-армагедон. Денеска хакер порача – јужнокорејската нуклеарна централа во Бусан да ги исклучи реакторите до четврток...

На мрачната страна на интернетот демне опасноста на новото време – нова светска војна што ќе се води дигитално. Компјутерџиите предупредуваат – 2015 ќе биде година на сајбер-армагедон. Денеска хакер порача – јужнокорејската нуклеарна централа во Бусан да ги исклучи реакторите до четврток. Ако не биде исполнето неговото барање, по предупредувачките скици, ќе ги објави тајните документи на компанијата - 100 илјади страници што ги добил со напад на нивната мрежа.

„Објавените документи не се тајни, туку технички материјали, слични на претходно објавуваните и не влијаат на безбедноста на нуклеарните реактори“, вели претставник на „Кореа Хидро енд нуклеар пауер“.

Контролите на реакторите не се во опасност во моментов, но сајбер криминалците напредуваат побрзо од одбраната. Исклучување на електричните мрежи, соборување на авиони, уривање на берзи... можностите се неограничени. Можеби најдобра илустрација е случајот на Сони Пикчрс. Западните медиуми ја пренесуваат пораката на Пјонгјанг – ќе ги нападнеме Белата Куќа, Пентагон и целото копно на САД. Во опасност е едно од основните уставни права на Американците, тоа на слободен говор.

„Ако поставиме преседан во којшто диктатор на друга земја може преку сајбертероризам да попречи компанија да го дистрибуира својот производ, ќе почнеме да се самоцензурираме“, ијзави претседателот на САД, Барак Обама.

„Цел ќе ни бидат одговорните за чиновите против нашата земја, а не публиката во кино салите. САД да се приклучат кон заедничка истрага, бидејќи не оцрнуваат со неосновани гласини“, соопшти Севернокорејската телевизија.

Американската компанија, поради хакери што ги објавија нејзините тајни документи, го повлече „Интервју“, политичка сатира во која новинари од САД планираат атентат врз милиот лидер Ким Џонг Ун. Вашингтон го обвини Пјонгјанг, по што уследи целата драма.

Сепак, светските лидери не ја потценуваат опасноста. Во мрежата се создава нова држава, со нова власт и поинакви правила.

 

Ивана Салтировска