Бугајски: Спорот со името да се реши за неколку месеци
Соединетите Американски Држави и Европската Унија не смеат да дозволат да продолжи спорот со името и Македонија во наредните месеци мора да биде примена во членство во НАТО и потоа во ЕУ, оценува американскиот експерт Јануш Бугајски од Центарот за европски политички анализи во Вашингтон. Според него, ако Грција не го почитува меѓународното право треба да биде исклучена од членство во НАТО и ЕУ...

Спорот со името мора да се реши што е можно побрзо, во наредните неколку месеци. Америка мора повторно да се фокусира на Балканот, каде членството на Македонија во НАТО и во Европската Унија е најважно. Ова не е замрзнат конфликт, туку Македонија е замрзната држава поради грчкото вето, вели експертот на Центарот за европски политички анализи Јануш Бугајски за Македонската телевизија.
„Мислам дека овој спор трае предолго. Треба ние, САД и Европската Унија, да им објасни на грците дека едноставно е предоцна овој спор да продолжи и мора да се реши. Ако за тоа биде потребно притисок, тогаш добро. Лично мислам дека Европејците можеа да ја условат Грција да го реши спорот и да ги разреши односите со соседите особено со Македонија, кога и одобрија помош за финансиската криза. Но не е предоцна ова да се постигне со одреден притисок врз Грција, дури и исклучување на Грција од некои организации ако не сака да го реши спорот и со поголемо вклучување на Македонија, најпрво во НАТО“, изјави Бугајски за МРТ.
Држењето на Македонија надвор од НАТО и Европската Унија е лошо за регионот, затоа овој спор за името мора или што побрзо да се реши или да се заобиколи за да Македонија може да добие членство во двете организации, оценува Бугајски.
„Да ви дадам уште една причина зошто е важно. Македонија без да биде примена во НАТО и во ЕУ, постепено ќе биде под влијание на Русија. И тоа не само Македонија, и некои нејзини соседи исто така. Русија го користи исклучувањето од НАТО и споровите меѓу соседите за да има влијание во регионот и тоа ќе продолжи и во иднина. Тогаш Грција ќе биде виновна што му помогнала на г-н Путин да создаде нестабилност на Балканот“, нагласува експертот од Центарот за европски политички анализи.
Меѓународниот суд на правдата одамна донесе пресуда дека Грција незаконски ја блокира Македонија за членство во НАТО и во ЕУ под референцата, па меѓународната заедница треба да ја притисне Грција да го почитува меѓународното право и потпишаните договори со Македонија, вели американскиот експерт Јануш Бугајски.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
