Франција: Комби влета во купувачи на Божиќен пазар во Нант

23.12.2014 11:29

Комби удри директно во купувачи на Божиќниот пазар во францускиот град Нант. Исто како нападот во Дижон, причината веројатно не е верска, се работело за растроен човек...

Тротоарите во Франција стануваат небезбедни за пешаците. Додека купувале за празниците на Божикниот пазар во Нант, група минувачи настрада од комби кое удри во нив со полна брзина.

„Возило излета на пазарот, удри во поголем број луѓе и повреди 11 од кои 5-мина потешко“, изјави Жил Никола, заменик градоначалник на Нант.

Возачот, според извештаите, се избодел себеси со нож, нанесувајќи си сериозни повреди и е префрлен во болница заедно со другите повредени. Мотивот за нападот не е познат, но според извори блиски до истрагата, ништо не укажува дека причината е верска. Надлежните веруваат дека напаѓачот веројатно бил растроен.

Нападот се случи само еден ден откако возач со извик „Алах е голем“ во Дижон повреди 13 луѓе, а во саботата во Тур полицајците уби човек кој со истите зборови и мафтајќи со нож ги нападна во полициската станица. Француските власти не ги поврзуваат трите случаи во страв дека ќе поттикнат шема на однесување.

„Апелирам до сите да бидат внимателни и одговорни со коментарите и да не извлекуваат избрзани заклучоци уште на самиот почеток на истрагата“, рече Бертран Казенев, министер за внатрешни работи на Франција.

Обвинителството во Дижон утврди дека човекот кој на повеќе локации прегази неколку пешаци немал терористички мотив, туку долга историја на ментални проблеми.

 

Ивана Салтировска