Втор круг претседателски избори во Грција: На повидок продлабочување на политичката криза
Како што јавува дописникот на МРТ од Атина, евентуалниот неуспех и на вториот претседателски изборен круг ќе ја втурне Грција подлабоко во политичката криза, која што многу лесно може да резултира со предвремени парламентарни избори, доколку Димас не биде избран ниту во третиот и последен круг...

Единствениот кандидат предложен од владеачката коалиција Ставрос Димас денеска повторно во обид да ја добие потребната поддршка од пратениците. Предвидувањата се дека ни во овој, втор изборен круг, тој нема да ги добие неопходните 200 гласови.
Како што јавува дописникот на МРТ од Атина, евентуалниот неуспех и на вториот претседателски изборен круг ќе ја втурне Грција подлабоко во политичката криза, која што многу лесно може да резултира со предвремени парламентарни избори, доколку Димас не биде избран ниту во третиот и последен круг. Во негови рамки, потребната поддршка за избор на претседател се намалува од 200 на 180 пратеници.
Во меѓувреме, судски извори за британските медиуми откриле дека јавниот обвинител ја прекинал истрагата за големиот скандал што ја тресеше политичката сцена последниве денови откако пратеник од опозициската Независни Грци излезе со тврдење дека му бил нуден поткуп за да гласа за Димас.
Според истите извори, јавниот обвинител го отфрлил обвинувањето на пратеникот поради немање доволно докази. Тој тврдеше дека му биле нудени близу 3 милиони евра, од кои што 700.000 во кеш, а остатокот во форма на простување на кредит и рекламни договори. Своите тврдења тој ги поткрепи со видео и аудио материјал.
Марија Котовска – постојан дописник на МРТ од Атина
