Кошарка – НБА

Атланта се поблиску до врвот на „Истокот“!

23.12.2014 12:37

Атланта има 20 триумфи и 7 порази и е само на 2 победи до лидерот во Источната конференција...

Атланта игра одлично, влезе во нова серија од 4 победи и тоа со незгодното гостување кај Далас. 105:102 во коишто Перо Антиќ учествуваше со 5 поени, 3 скока и со блокада за 16 минути. Во отсуство на плејмејкерот Тиг, Германецот Шредер ги предводеше Хоукс со 22 поена.

Атланта има 20 триумфи и 7 порази и е само на 2 победи до лидерот во Источната конференција, Торонто. Канаѓаните загубија во Чикаго со 129:120. Неверојатниот прв период, Булс го добија со 49:37 што е стартна четвртина со најмногу поени во нивната историја. Роуз беше прв кошкетер со 29 поени.

Најдобрата и најефикасната екипа во лигата, Голден Стејт лесно славеше против Сакраменто со 128:120 откако во првата четвртина направи предност од +16. 23 победи и само 3 порази е ефектот на Вориорс чијшто најдобри кошаркари беа Томсон со 25 поени и Кари со 11, но и со исто толку асистенции.

По 4 врзани порази, шампионот Сан Антонио го совлада Клиперс со 125:118. Главна причина е враќањето на Паркер кој реализираше 26 поени, но и тимската игра затоа што Спарс шутираа со 64 проценти успешност и имаа 37 асистенции.

Наизглед големо изненадување преставува поразот на четвртата екипа на „Западот“, Мемфис и тоа дома од Јута со 97:91, но за Џезерите ова е трета победа во последните четири меѓусебни дуели. За третиот пораз во низа на Гризлис, најзаслужен е тандемот Буркс – Хауард со 44 комбинирани поени.

А, исто толку постигна кошаркарот на вечерта  Харден кој во победата на Хјустон против Портланд со 129:120 дури 31 даде во првото полувреме. Ова е трет меч во декември со повеќе од 40 коша за најдобриот стрелец во лигата.

Најубедливиот триумф сезонава Шарлот го оствари против Денвер со 110:82. Џеферсон беше најпрецизен со 22 поена.