Интензивното одделение на Клиниката за детски болести доби нов инкубатор - донација од ОКТА

23.12.2014 12:55

Во кампањата иницирана од ОКТА и Клиниката за детски болести активно се приклучија илјадници индивидуалци, компании и организации. Над 12 илјади граѓани се приклучија на кампањата преку социјалните медиуми...

Набавка на нов инкубатор и сервисирање на три постоечки инкубатори на Интензивниот оддел на Детската Клиника во Скопје е резултат од втората фаза на донација од кампањата Шанса за живот. Во кампањата иницирана од ОКТА и Клиниката за детски болести активно се приклучија илјадници индивидуалци, компании и организации. Над 12 илјади граѓани се приклучија на кампањата преку социјалните медиуми.

„Многу сме задоволни од кампањата, која што направи вистинска промена на одделението за Интензивна нега на Детската Клиника. Нејзиниот успех докажа дека постои волја да се помогне кога има потреба од подобрување на нештата и среќни сме што работите се движат во позитивна насока“, изјави Виктор Папаконстантиноу, главен извршен директор на ОКТА.

ОКТА како донатор, оваа година ја иницираше кампањата со цел да ја подигне свесноста и да овозможи и другите да донираат за опремување и подобрување на условите на одделението за Интензивна нега каде се борат за својот живот предвремено родените бебиња.

Според Аспазија Софијанова, директорката на Клиниката за детски болести во Скопје, кампањата ја разбуди јавната свест и даде резултати со вистинско менување на реалноста во одделот за интензивна нега.