Груевски- Давутоглу: Економската соработка ќе се унапредува
Двајцата премиери се согласни дека економската соработка треба да се унпредува, а интенција е во наредниот период трговската размена да изнесува над милијарда долари...

Ако Македонија е безбедна ќе биде безбеден и целиот Балкан, порача турскиот премиер Ахмет Давутоглу на бизнис појадокот со Стопанските комори на Македонија и на Турција. Во рамките на официјалната посета на Македонија, Давутоглу имаше тет- а- тет средба со неговиот домаќин, премиерот Никола Груевски, по што имаа заедничка прес конференција.
„Република Турција е наш долгогодишен пријател и поддржувач. Република Македонија особено го цени фактот што Република Турција безрезервно ја поддржува нашата земја во евроаталнските аспирации, кои се наша стратешка и примарна цел. Ние го почитуваме фактот што Република Турција дава принципиелна и вредносна поддршка на нашите државни и национални интереси. Со мојот колега со задоволство констатиравме дека е направен напредок во досегашните напори, не само во политичката, туку и во економската соработка“, изјави премиерот Никола Груевски.
Двајцата премиери се согласни дека економската соработка треба да се унпредува, а интенција е во наредниот период трговската размена да изнесува над милијарда долари.
„Има можност за унапредување на соработката, посебно разговаравме за можноста за формирање посебна индустриска зона и други различни алтернативни модели, со цел да се зголеми инвестициската активност. Нашата трговска рзмена во првите десет месеци изнесува 375 милиони долари, меѓутоа до крајот на годината очекуваме да изнесува 450 милиони. Одлучни сме во најскоро можно време таа да достигне една милијарда“, нагласи турскиот премиер, Ахмет Давутоглу.
Попладнево турскиот премиер ќе има средба и со претседателот Ѓорге Иванов, а ќе одржи и предавање во Министерството за надворешни работи.
