Џез-хитови со Македонската филхармонија
Публиката ќе има можност да слушне дел од најдобрите џез-композиции, големите хитови и џез-класици, овој пат аранжирани за симфониски оркестар и вокал...

Македонската филхармонија на својот ексклузивен празничен концерт, кој ќе се одржи утре во Македонскиот народен театар во 20 часот, ќе понуди единствена можност да се прослават новогодишните празници во убава музичка атмосфера.
Публиката ќе има можност да слушне дел од најдобрите џез-композиции, големите хитови и џез-класици, овој пат аранжирани за симфониски оркестар и вокал.
Солист на концертот е фантастичната вокалистка Марија Димитријевиќ, а оркестарот ќе го води Емин Џијан, кој е заслужен и за аранжманите на дел од композициите.
На овој единствен концерт во духот на новогодишната еуфорија на Македонската филхармонија, ќе бидат изведени незаборавните џез-хитови како „Take five“, „Love Me or Leave Me“, „Sing, Sing, Sing“, „Winter wonderland“, „Let it Snow“, „Stardust“, „Smile“, „Night and Day“, „I’ve Got You Under My Skin“, „Let’s dance“, „But Beautiful“..., на големите џез-автори како Пол Дезмонд, Кол Портер, Џул Стајн...
Композициите кои ги испеаа славните грла на Нина Симон, Ела Фицџералд, Чет Бејкер или Френк Синатра, овој пат ќе заживеат и на сцената на Македонската филхармонија во ново руво.
