Груевски- Давутоглу: Економските односи да ги следат одличните политички релации

23.12.2014 15:12

Економските односи да ги следат одличните политички релации меѓу Македонија и Турција- став на премиерите Груевски и Давутоглу по средбата во Скопје. Тенденција е трговската размена да достигне милијарда долари. Поддршка од турските власти за членството на државава во НАТО...

Признавањето на уставното име Република Македонија, безрезервна поддршка за евроатлантското интегрирање и развој на пријателските односи се константи во политиката на Турција, рече премиерот Ахмет Давутоглу по средбата со македонскиот премиер Никола Груевски. Македонија го заслужи членството во НАТО и ние во сите меѓународни институции ќе ги браниме вашите интереси, порача турскиот премиер.

„Не само што сакаме Македонија што поскоро да влезе во НАТО, туку сме и одлучни во нашата поддршка. Се разбира дека никој како Турција не ја поддржува толку силно Македонија во нејзиниот правец за зачленување. За стабилноста и мирот на Балканот, сите балкански земји треба да бидат под чадорот на НАТО“, изјави турскиот премиер Давутоглу.

„Република Турција е наш долгогодишен пријател и поддржувач. Република Македонија особено го цени фактот што Република Турција безрезервно ја поддржува нашата земја во евроаталнските аспирации, кои се наша стратешка и примарна цел. Ние го почитуваме фактот што Република Турција дава принципиелна и вредносна поддршка на нашите државни и национални интереси“, нагласи премиерот Груевски.

Турција е 8-ми трговски партнер на Македонија по економските параметри. Во првите 10 месеци од годинава е осварена трговска размена од околу 370 милиони долари.Интенција е годинава да се заокружи на 450 милиони.

Давутоглу пред турските бизнисмени во државава порачал дека целта се првото место и трговската размена од милијарда долари. Груевски рече дека Македонија е отворена за влез на странски инвестиции и ги охрабри бизнисмените да ја искористат поволната клима за инвестирање.

„Не прифаќам ни да бидеме втори, а не пак меѓу првите 10 со оглед на одличните политички односи меѓу нашите две држави. Турција мора да биде помеѓу првите земји кои ќе имаат такви економски односи со Македонија“, нагласи Давутоглу.

„Она што ние го правиме е да создадеме добри можности за тоа и ние ќе продолжиме во тоа. Јав верувам дека во еден момент ќе се достигне оваа цел од размена од една милијарда долари. Не е тоа недостижна цел“, рече Груевски.

Двајцата премиери се согласија дека има простор за продлабочување на соработката и во земјоделството и во културата. Груевски и Давутоглу се согласиле најмалку еднаш годишно да има средби на претставници од двете држави.

 

Милчо Велески