Јас сум најдобриот шведски спортист на сите времиња
Ибрахимовиќ не бил задоволен од изгледот на листата и на прашањето од весникот како се чувствува, се заблагодарил и рекол дека „да завршиш втор е исто и како да завршиш последен“...

Голгетерот на Пари Сен Жермен Златан Ибрахимовиќ изрази лутина откако се најде само на второто место на листата на најдобрите шведски спортисти на сите времиња. Во рангирањето на 150-те спортисти од оваа земја коешто го направи дневниот весник „Дагенс Нихетер“, славниот шведски фудбалски репрезентативец е поставен веднаш под петкратниот шампион на Вимблдон, тенискиот ас Бјерн Борг.
Ибрахимовиќ не бил задоволен од изгледот на листата и на прашањето од весникот како се чувствува, се заблагодарил и рекол дека „да завршиш втор е исто и како да завршиш последен“.
Запрашан како тој би ги рангирал најдобрите шведски спортисти на сите времиња, фудбалерот на ПСЖ бил уште понескромен.
„На таа листа јас треба да бидам број 1, 2, 3, 4 и 5, со сета почит кон сите други“.
Ибрахимовиќ, сепак, бил дипломатски внимателен кога требало да даде коментар за Бјерн Борг, којшто за него рекол дека е најголема шведска ѕвезда, поголема дури и од „Икеа“.
„Тој е кул личност и жива легенда“, биле зборовите на Ибрахимовиќ за Борг.
