Трета среќа за Димас или предвремени парламентарни избори во Грција?

23.12.2014 16:13

Обидот да ги освои потребните 200 гласови заврши без успех, со што Грција влегува во политичка криза која што навестува предвремени парламентарни избори...

Грчкиот Парламент не му даде поддршка на единствениот кандидат предложен од владеачката коалиција Ставрос Димас во вториот изборен круг. 
 
Обидот да ги освои потребните 200 гласови заврши без успех, со што Грција влегува во политичка криза која што навестува предвремени парламентарни избори. Тие ќе мора да бидат распишани доколку Димас не ја освои потребната поддршка и во третиот, последен изборен круг на 29 декември. 
 
Гласаа вкупно 299 пратеници. 168 гласаа за поддршка на Ставрос Димас, а 131 пратеник против. Според тоа, потребното мнозинство сеуште не е постигнато и гласањето ќе биде повторено и по трет пат, информираше претседателот на грчкиот парламент по завршувањето на гласањето.
 
Во пресрет на третиот изборен круг в понеделник, грчките аналитичари оценуваат дека Самарас нема да ги обезбеди неопходните 12 гласа што недостигаат додекагрчкиот премиер претпоставува дека пратениците ќе ја прифателе одговорноста. Лидерот на опозицијата Ципрас и натаму е против владината политика  за мерките на штедење наметнати од меѓународните кредитори.
 
Грчкото јавно обвинителство во меѓувреме ја прекина истрагата за големиот скандал што ја тресеше политичката сцена  откако пратеник од опозициската Независни Грци излезе со тврдење дека му бил нуден поткуп за да гласа за Димас. Обвинувањето е отфрлено поради немање доволно докази. Пратеникот тврдеше дека му биле нудени 3 милиони евра, а за тоа доставил и видео и аудио материјал.
 
 
 
Марија Котовска – постојан дописник на МРТ од Атина