Претседателот Иванов оствари средба со турскиот премиер Давутоглу
На средбата, било разговарано за натамошното продлабочување на билатералните односи, и зголемување на соработката меѓу Република Македонија и Република Турција...

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со претседателот на владата на Република Турција, Ахмет Давутоглу.
На средбата, било разговарано за натамошното продлабочување на билатералните односи, и зголемување на соработката меѓу Република Македонија и Република Турција. Двајцата соговорници изразиле задоволство од традиционалното пријателство и партнерство, и од интензивната комуникација и соработка во сите сфери од заеднички интерес, кои се потврда за одличните односи меѓу Република Македонија и Република Турција, соопштуваат од кабинетот на претседателот Иванов.
Изразувајќи благодарност за цврстата и принципелна поддршка на Република Турција во однос на нашите стратешки цели, членството во Европската Унија и во НАТО, претседателот Иванов, нагласи дека Република Македонија високо ги цени турските активности и напори по овие прашања.
Македонскиот претседател и турскиот премиер ја поздравија економската соработка, која е највисоко на агендата на меѓусебните односи, со очекување за натамошно интензивирање.
Иванов и Давутоглу разговарале и во однос на соработката во сферата на одбраната и безбедноста, културата, туризмот, образованието, како и на мултилатерален план во меѓународните организации.
