Фудбал

Ибраими вторпат фудбалер на годината, Маневски најдобар домашен играч

23.12.2014 18:25

Cпоред очекувањата, најдобар фудбалер во 2014 репрезентативецот Агим Ибраими, кој е меѓу најзаслужните за пласманто на Марибор во групната фаза од Лигата на шампионите...

Фудбалската федерација на Македонија ги прогласи најдобрите во традиционалниот избор кој го организира секоја календарска година. Cпоред очекувањата, најдобар фудбалер во 2014 репрезентативецот Агим Ибраими,  кој е меѓу најзаслужните за пласманто на Марибор во групната фаза од Лигата на шампионите. Тоа е второ вакво признание за 26 годишниот напаѓач кој годинава постигна 2 од седумте репрезентативни погодоци, во пријателскиот меч против Летонија во победата од 2 : 1 и од пенал во квалификацискиот пораз 1 : 5 од Шпанија. Cо тоа Ибраими се израмни со минатогодишниот лауреат Николче Новески со две вакви признанија, а сеуште недостижен е Горан Пандев со 5 награди најдобар македонски фудбалер.

Иако играше само во пролетната полусезона, Борче Маневски е избран за најдобар домашен фудбалер како најзаслужен за трофеите во купот и првенството со Работнички. Во есенскиот дел Маневски е член на Чаинат од Тајланд.  Освојувачот на двојната круна меѓу наградените го има и Игор Ангеловски со признанието за тренер на годината, а неговиот Работнички е прогласен за најдобар клуб.

Најдобар стрелец е Дејан Блажевски со постигнати 19 гола за Турново минатата сезона, Михајло Јаки­мовски од Металург со 28 е најдобар во младинска конкуренција, неговиот шеф од клупата Влатко Колев е најдобар тренер кај младинците, а Јасир Асани од Вардар е прогласен за најдобар млад играч. Во футсал Кристијан Златковски ја понесе титулата за играч на годината, а сеууште активниот Зоран Левески е најдобриот тренер. За фудбалерка на годината и овојпат е избрана Наташа Андонова, капитен на репрезентацијата и членка на бундеслигашот Турбине Постдам, со која настапува во Лигата на шампионките, додека Афродита Салихи е најдобар стрелец во женскиот фудбал.