Во најновиот извештај за падот на Кингерот, исклучена можноста за диверзија или терористички акт

24.12.2014 09:09

Извештајот покажува дека за време на падот на авионот во кој загина претседателот Трајковски немало експлозија, ниту пожар и немало ниту трагови кои би упатувале на диверзија или на терористички чин...

Познати деталите од извештајот на истражната комисија за падот на Кингерот во кој загина претседателот Борис Трајковски. Босанскиот експерт Омер Кулиќ вчера извештајот го предаде на главниот обвинител на Босна и Херцеговина и министерот за транспорт и комуникации.

Извештајот покажува дека за време на падот на авионот во кој загина претседателот Трајковски немало експлозија, ниту пожар и немало ниту трагови кои би упатувале на диверзија или на терористички чин, пренесува МИА.

Како што јави Федералната телевизија на Босна и Херцеговина, за несреќата во која загинаа претседателот Трајковски и осум други лица од државната делегација, влијаеле серија критични пропусти, случувања и услови.

Се очекува конечниот извештај шефот на меѓународниот истражен тим Омер Кулиќ, кој в сабота ќе допатува во Република Македонија, да му го предаде и на македонското обвинителство и на властите.