Божиќ- најпосакуваниот празник во Америка
На 25-ти декември се празнува Божиќ во Соединетите Американски Држави. Традиционално семејствата се собираат на Божиќна гозба, но не се забораваат и сиромашните коишто не можат да си дозволат луксуз за празниците. Македонската телевизија присуствуваше на осветлување на Божиќна елка и донаторска акција во Вашингтон...

Божиќ е најпосакуваниот празник во Америка. Неделите пред и по Божиќ се резервирани за семејствата и пријателите и за добротворни акции за помалку богатите. Престижниот хотел „Феирмонт“ во Џорџтаун, во Вашингтон секоја година организира добротворно собирање на играчки заедно со американските маринци.
„Ова е традиционалното осветлување на Божиќната елка во „Феирмонт“ во Вашингтон. Секоја година собираме играчки за дечиња заедно со маринците“, изјави Шејн Крик, менаџер на хотел „Феирмонт“.
„Овде имаме настан за собирање играчки и донации што потоа пред Божиќ ќе бидат дадени на семејства коишто не можат да си дозволат да купат играчки за своите деца“, вели капетан Мајкл Јорк, Марински корпус.
Божиќни елки ги красат сите згради, хотели, канцеларии и куќи во Вашингтон. Но осветлувањето на елката е настан што со нетрпение го очекуваат и возрасните и децата.
„Го обожаваме Божиќ.Тоа е најубавото време од годината, да се биде во пријателите и семејството.“
„За Божиќ одиме кај пријатели и роднини во Флорида или сме овде“, велат случајно анкетираните граѓани на Вашингтон.
Дедо Мраз и ирвасот се неминовни гости на секоја божиќна забава. И овде пристигнаа преку покривот за да ги израдуваат насобраните деца. Малечките имаат свои желби што Дедо Мраз треба да ги оствари.
„Сакам авион! Голем авион! ... Куќа за кукли“, велат дечињата.
Еве што им посака Дедо Мраз на децата во Македонија:
„Им посакувам да им се остварат сите соништа. Нека има среќа и радост за празниците! Среќен Божиќ на сите! Среќен Божиќ!“
Среќен Божиќ од екипата на Македонската телевизија во Вашингтон!
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
