Велес го решава проблемот со водоснабдувањето
Општината продолжувајќи ја водоводната линија на селото Оризари го реши и проблемот на жителите од населбата Порцеланка...

Деветте семејства кои живеат во населбата Порцеланка по една деценија повторно имаат вода во своите домови. Цистерните и бурињата повеќе не се потребни. Општината продолжувајќи ја водоводната линија на селото Оризари го реши и проблемот на жителите од оваа населба.
„Како домаќинка ова нас многу ќе ни значи, водата што ни ја пуштија.“
„Ова за нас значи живот, за сите овие луѓе преставува живот“, велат анкетираните жители на населбата Порцеланка.
400 илјади денари чинела реализацијата на овој водоснабдителен проект. Со овие активности се заокружува и водоснабдувањето на целата територија на Општината.
„Во Општина Велес во моментов нема ни едно место каде што има проблем со снабдување со вода, знаете дека го завршуваме проектот и во село Црквино“, вели Славчо Чадиев, градоначалник на Општина Велес.
Проблемот со водоснабдување во оваа населба се појави пред десетина години кога фабриката Порцеланка престана да работи, а со тоа престана да функционира и фабричката водоводна линија на која тие беа приклучени.
Според планот на локалната самоуправа догодина во оваа населба ќе се работи на уредување на улиците, дали ќе се поплочуваат или бетонираат, зависи од одлуката која ќе ја донесат Месната заедница и Општината.
Добивањето на вода во домовите за жителите од населбата Порцеланка значи можност за враќање на семејствата кои имаат изградено куќи, а се иселиле од нив, само поради недостаток на исправна вода за пиење.
Дијана Иванова
